Свет Балкан Оставка на српскиот министер за образование Ружиќ: Трагедијата ќе ја носам како...

Оставка на српскиот министер за образование Ружиќ: Трагедијата ќе ја носам како печат на душата

Во развиените демократски општества оставката е одлика на сила, но кај нас често е одлика на слабост. Нека суди јавноста, пишува Ружиќ во оставката

Фото: Влада на Република Србија

Српскиот министер за образование Бранко Ружиќ попладнево до Владата ја доставил оставката од функцијата, неколку дена по стравотниот настан во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар, Белград, кога седмоодделенец со оружјето на својот татко уби осум свои соученици и чуварот во школото, а рани уште шест ученици и една наставничка.

Во оставката, која тој ја објави на социјалните мрежи, пишува дека ја понудил уште истиот ден кога се случил масакрот во училиштето.

„Ја користам можноста уште еднаш да изразам најдлабоко сочувство до најблиските на жртвите, во неискажлива болка, нека почиваат во мир ангелчињата и Господ да ни помогне да не се повтори вакво нешто, никогаш повеќе. Драматичните слики од настаните во училиштето, пролеаните солзи при изразувањето сочувство до неутешните родители, ќе ги носам како печат на мојата душа до крајот на животот. Во молкот на тридневната национална жалост, како одговорен човек, професионалец во вршењето на сите досегашни јавни должности, како родител и како граѓанин на Република Србија, која секогаш ми е на прво место, а согласно член 23 од Законот за Влада ја донесов единствената рационална и чесна одлука во овие околности. Поднесувам неотповиклива оставка од функцијата министер за образование во Владата на Република Србија“, пишува Ружиќ во оставката.

Тој додава дека оставката е личен, но и политички чин.

„Во развиените демократски општества е одлика на сила, но кај нас често е одлика на слабост. Нека суди јавноста“, вели Ружиќ.