Свет Европа Осомничениот за нападите во Париз и понатаму се брани со молчење пред...

Осомничениот за нападите во Париз и понатаму се брани со молчење пред судот

Салах Абдеслам (26), единствениот преживеан осомничен член на групата што ги изврши терористичките напади во Париз во ноември минатата година, денеска повторно беше изведен пред суд, но и третпат одби да одговара на прашањата на судијата, јавуваат светските агенции.

„Тој го искористи своето право на молчење“, изјавил пред новинарите адвокатот на одбраната, Франк Бертон, додавајќи дека е оптимист во врска со тоа дека Абдеслам на крајот, сепак, ќе почне да соработува со истрагата.

Абдеслам со месеци беше еден од најбараните лица во Европа, пред да биде уапсен на 18 март во предградието на Брисел, Моленбек.

Тој, под силни безбедносни мерки, беше екстрадиран од Белгија во Франција на 27 април и оттогаш се наоѓа во затвор во јужниот дел на Париз.

Според истрагата, Абдеслам ги довезол тројцата бомбаши-самоубијци до стадионот „Стад де Франс“ во северниот дел на Париз, каде тие потоа го активирале експлозивот.

Абдеслам се откажал од извршувањето на самоубиствениот напад и го фрлил својот појас со експлозив во јужниот дел на градот. Тој подоцна побегнал во Белгија со помош на двајца пријатели.

Во терористичките напади во Париз животите ги загубија 130 лица.