Главна секција Османи очекува Македонија да се приклучи на колосекот за влез во ЕУ...

Османи очекува Македонија да се приклучи на колосекот за влез во ЕУ до 2025 година

Стратегијата за проширување на Европската Унија е една од најважните иницијативи на Европската комисија за овој регион, истакна вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на денешниот координативен работен појадок со амбасадорите и нивните претставници од земјите од Западен Балкан.

Средбата се одржува во пресрет на објавувањето на Стратегијата на Европската комисија, за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.

„Стратегијата за проширување на ЕУ претставува една од најважните инцијативи на Европската комисија за овој регион, затоа што директно покажува дека Европската Унија го враќа фокусот на регионот, а процесот на проширување со земјите од Западниот Балкан е повторно високо на агендата на Унијата“, истакна Османи, додавајќи дека со овој документ, Комисијата го става процесот на проширување на цврсти шини, со прецизни рокови.

Османи рече оти очекува дека покрај Црна Гора и Србија, за кои е најавено да бидат наведени во Стратегијата како земји кои во моментов го предводат евроинтегративниот процес во регионот, во документот соодветно да бидат наведени и европските перспективи за Македонија и Албанија, кои би биле „охрабрени набргу да ги почнат преговорите за членство“, и со тоа, да се приклучат на истиот колосек за влез во Унијата до 2025 година.