Македонија Османи на Младински форум: Решителноста на младите може да поттикне промени

Османи на Младински форум: Решителноста на младите може да поттикне промени

Конференцијата е организирана во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ а за време на интерактивните сесии учесниците ќе имаат можност да изнаоѓаат иновативни решенија за решавање на социјалните и еколошките проблеми во нивните заедници

Фото: МНР

Резултатите, идеите и препораките на младите ќе бидат дел од дневниот ред и на Министерскиот совет, највисокото тело за одлучување, кој ќе се одржи на крајот на овој месец во Скопје, им рече денеска на младите претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи кој во присуство на младински претставници од земјите-учеснички во ОБСЕ ја отвори Конференцијата „Младински иновации и претприемништво: создавање одржлива иднина во регионот на ОБСЕ“.

Зборувајќи за важноста од интерактивно вклучување на младите и на институционално ниво, тој подвлече дека во рамките на ОБСЕ, младите не само што можат да зборуваат, туку нивните гласови навистина се слушаат.

„Вашата енергија, вашиот идеализам и вашата решителност е она што може да поттикне промени и да изнуди решенија за многуте тешки предизвици со кои заеднички се соочуваме“, рече Османи.

Конференцијата е организирана во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ а за време на интерактивните сесии учесниците ќе имаат можност да изнаоѓаат иновативни решенија за решавање на социјалните и еколошките проблеми во нивните заедници.

Во своето обраќање, Османи истакна дека вклучувањето на младите е клучно за улогата на ОБСЕ во промовирањето на мирот и безбедноста, и тоа уште од Хелсиншкиот акт од 1975 година кога земјите-учеснички се обврзаа да ги вклучат младите „со посебен осврт на оние главни проблеми на човештвото чие решение бара заеднички пристап и поширока меѓународна соработка“.

Тој додаде дека оваа посветеност и натаму е гаранција дека ОБСЕ претставува платформа за зајакнување и засилување на гласовите на генерациите што доаѓаат.

„Зајакнувањето на младите е еден од нашите централни приоритети. Северна Македонија и нашиот регион имаат само корист од регионалната младинска соработка и иницијативите кои ја промовираат културата на дијалог, толеранцијата и помирувањето. Со оглед на тоа што денешниот свет се бори со толку многу предизвици, со цело срце верувам дека младите се најдобрата инвестиција за иднината“, рече Османи.