Свет Османи: Итна потреба за преговори, со цел враќање на мирот

Османи: Итна потреба за преговори, со цел враќање на мирот

Шефот на македонската дипломатија на министерската конференција на франкофонијата во Тунис | Фото: принтскрин од видео на МНР

Итен прекин на сите воени активности и акти на насилство и продолжување на преговорите без предуслови со цел да се врати мирот и уставниот поредок на засегнатите земји, побара министерот за надворешни работи Бујар Османи во неговиот говор на Министерската конференција на франкофонијата која се одржува во Тунис.

„Неоснованата и неоправдана агресија на Руската Федерација против Украина ги предизвика најлошите кошмари за кои мислевме дека припаѓаат само во историските книги. Оваа војна на агресија претставува флагрантно кршење на основните принципи на Повелбата на Обединетите нации и МОФ, и ја загрозува глобалната безбедносна архитектура, предизвикувајќи и сериозна енергетска криза како и недостиг на храната, ширум светот“, рече Османи додавајќи дека Република Северна Македонија силно ја поддржува Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.

Османи им се заблагодари на Генералниот секретар и властите на Франкофонијата за нивната работа посветена на подготовката на Министерската конференција и на Лидерскиот самитот на Џерба, за подготовката на Стратешката рамка на Франкофонијата 2023-2030, Декларацијата на Џерба и Декларацијата на францускиот јазик.