Главна секција Османи: Интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјални...

Османи: Интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјални амбиции, Украина е само прва станица

Османи нагласи дека интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјални амбиции, истакнувајќи дека Украина е само прва станица, а една од следните ќе биде Западен Балкан

Фото: МНР

Членството на Северна Македонија во НАТО се реализираше во многу соодветен момент, пред почетокот на руската агресија во Украина. Земјава е фактор на стабилизација на регионот, но и поттик за земјите во нашето соседство, кои имаат волја и се подготвени да застанат зад заедничките евроатлантски вредности и цели.

Ова денеска го истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој го водеше традиционалниот НАТО настан, со што започнаа деновите на НАТО во земјава, со кои одбележуваме 4 години од членството на Северна Македонија во НАТО и 75 години од формирањето на Алијансата.

Османи нагласи дека интеграцијата во НАТО и ЕУ е најдобар одговор на руските империјални амбиции, истакнувајќи дека Украина е само прва станица, а една од следните ќе биде Западен Балкан.

„Сега, повеќе од кога било, евроатланската и европската интеграција на Западниот Балкан е клучна за подобрување на безбедноста и за консолидирање на стабилноста. Евро-атлантските интегративни процеси се најдобрите демократски алатки за спречување конфликти и злонамерно вмешување на трети страни”, рече тој.

Османи го поздрави проширувањето на трансатлантското семејство со две нови земји членки – Финска и Шведска, нагласувајќи дека ваквиот чекор е особено значаен бидејќи ќе ја направи Алијансата посилна и дополнително ќе ја зајакне евро-атлантската безбедност.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ рече дека ова е прва година како ја бележиме годишнината од членството во НАТО како земја која не е веќе најмлада НАТО членка.

„Соочена со предизвиците од руската агресија како закана за идеалот на Европа како слободен континент, Финска се приклучи на семејството на 4 април 2023, а Шведска пред само 20 дена – на 7 март 2024 година, со што стануваме уште пообединети и посилни во нашиот придонес за мирот и стабилноста“, рече Маричиќ.

Како што додаде тој, за Северна Македонија членството во НАТО беше исполнување на еден од националните стратешки интереси и е пат кој води до полноправно членство во Европската Унија.

„Денешните околности ни потврдуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме силно оправдување за големите политички жртви што ги направивме бидејќи беа вредни за граѓаните и за државата. Како што не се откажавме од НАТО, така, без разлика на сите предизвици, нема откажување ниту од ЕУ“, рече Маричиќ.