Македонија Oсмани: Имаме обврски во Собрание да ја спроведеме волјата на граѓаните

Oсмани: Имаме обврски во Собрание да ја спроведеме волјата на граѓаните

Имавме исклучително важен референдумски процес во државата, во која над 600 илјади граѓани изразија јасна политичка волја за имплементација на Договорот од Преспа. Имаме обврска да ги искористиме сите можности и овој Договор да го имплементираме во Собранието, нагласил вицепремиерот Бујар Османи на денешната средба во Тирана со Сојузната министерка за Европа, интеграции и надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсл, информираше македонскиот Секретаријат за европски прашања.

Тој притоа рекол и дека Македонија ќе остане посветена на европската агенда, со спроведување на европските правила, стандарди и вредности.

Османи, кој е главен преговарач и шеф на државната делегација за преговори со ЕУ,  заедно со својот заменик и главен технички преговарач, Бојан Маричиќ, денеска учествуваат на третата Конференција за пристапни реформи во земјите од Западен Балкан (WBAR), која се одржува во главниот град на Албанија.

Се очекува да биде потпишана заедничка декларација за потврдување на заложбите за унапредување на добрососедските односи, унапредување на регионалната соработка како и европските перспективи на земјите од Западен Балкан.