Македонија Османи го презентирал планот „3-6-9“ на амбасадорите од ЕУ и на Рот

Османи го презентирал планот „3-6-9“ на амбасадорите од ЕУ и на Рот

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи, во просториите на Делегацијата на Европската Унија го презентирал планот „3-6-9“ пред амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, и амбасадорите на земјите-членки на ЕУ.

– Во овој план се опфатени реформите што Владата ќе ги спроведува во претстојниот период од три месеци, односно до одржувањето на локалните избори, а во меѓувреме паралелно се работи и на прецизирање на мерките кои треба да се реализираат во наредните шест и девет месеци – рекол Османи, нагласувајќи дека Владата се залага за обезбедување транспарентност и инклузивност, со вклучување на опозицијата.

Планот претходно тој го презентирал и на Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот.

– Германија е силен поддржувач на политиката за проширување на ЕУ и за зачленувањето на земјите од Западен Балкан, што го покажа со иницирањето на Берлинскиот процес, посветен на поврзаност, добрососедски односи, регионална соработка и европска интеграција. Тоа се потврди на последователните самити во Виена и во Париз, и ќе продолжи со самитот во Трст оваа недела – истакнал Османи.

„Двајцата соговорници се оптимисти дека процесот на европска интеграција на земјата е откочен и дека со посветеност ќе се надомести изгубеното време, за да продолжи земјата непречено да ги спроведува реформите за интеграција во ЕУ“, се вели во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.