Главна секција Османи: Добивме чиста формулација за македонскиот јазик, без никакви додавки

Османи: Добивме чиста формулација за македонскиот јазик, без никакви додавки

Бујар Османи, министер за надворешни работи | Фото: МНР

Во предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ имаме чиста формулација за македонскиот јазик, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот состанок со новинарите.

„Добивме чиста формулација за јазикот, без никакви додавки и објаснувања“, рече Османи.

Тој додаде дека единствено при состанокот на меѓувладината конференција Бугарија ќе може да поднесе забелешка во врска со јазикот која ќе влезе во записникот на конференцијата, но не и во самата рамка.

„Ова беше најважното прашање и најсуштинското прашање за нас во текот на преговорите, бидејќи јазикот се однесува на идентитетот”, рече Османи, додавајќи дека забелешка во однос на јазикот на самата конференција може да поднесеме и ние – и таа, исто така, ќе влезе во записникот.

Денес за францускиот предлог, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски одржа координативна средба со членовите на владината коалиција, на која што ги информираше за содржината. По завршувањето на средбата, премиерот Ковачевски одржа прес-конференција за медиумите на која истакна дека предлогот го смета како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја.

„Сите лажни тврдења во различни форми сметам дека потонаа. Како Влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија во секој поглед, го штитевме националниот интерес и македонскиот национален идентитет. Ветивме дека ќе се избориме да ги задржиме клучните црвени линии кои со месеци ги повторуваме и за кои Собранието усвои консензуална Резолуција. Тоа мислам дека е повеќе од јасно сега дека е така. Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на Македонски јазик, како и протоколот да не биде во преговарачката рамка. Многу важно за нашата позиција понатамошно и отпочнување на безусловно на преговарачкиот процес и одржување на меѓу владина конференција со Европската Унија исто така е инкорпориран во предлогот кој што е доставен кај нас“, рече Ковачевски.

Ковачевски: Пред нас имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки, ќе дебатираме и во парламентот