Дописници Општина Охрид ќе го субвенционира пријавувањето домашни и странски туристи

Општина Охрид ќе го субвенционира пријавувањето домашни и странски туристи

Секторот за туризам и локален економски развој при локалната самоуправа во Охрид ќе го стимулира пријавувањето домашни и странски туристи.

Во согласност со годишната програма, секторот ќе покрива дел од уплатената такса за привремен престој на домашните и на странските туристи, за физички лица вршители на угостителска дејност од мал обем во општина Охрид.

Целта на оваа активност е поттикнување на физичките лица запишани во регистарот на лица вршители на угостителска дејност од мал обем во oпштина Охрид, уредно да ја водат евиденцијата за престојот на гостите во својот сместувачки објект, со што ќе се стимулира редовната наплата на таксата и ќе се избегне нејзиното прикривање. Висината на субвенцијата ќе изнесува 50 отсто од уплатената такса за привремен престој, врз основа на вкупниот број остварени ноќевања, за периодот од 1 јули до 31 декември 2016 година.

Барањата за субвенционирање треба да се достават во секторот најдоцна до 31 јануари годинава.