Дописници Општина Гостивар годинава ќе одвои 6 милиони денари за развој на спортот

Општина Гостивар годинава ќе одвои 6 милиони денари за развој на спортот

За поддршка на спортски манифестации и за развој на спортот, Општина Гостивар годинава од својот буџет ќе одвои 6 милиони денари или двојно повеќе во споредба со минатата година.

Парите се предвидени за развој на масовниот спорт и на рекреативните активности на граѓаните, поддршка на традиционални спортски манифестации, ученички и студентски спортски активности, како и на спортско-рекреативни активности на лица со посебни потреби.

Посебна комисија ќе одлучува кој колку пари ќе добие преку програмата за спорт. Минималниот износ за поединци изнесува 10.000 денари, а максималниот 60.000 денари. За спортски клубови сумата се движи од 15.000 до 150.000 денари при поединечна исплата.

Локалната самоуправа предвидува и средства за одржување, изградба и за опремување спортски објекти и за определување рекреативни зони за масовно спортување.