Свет ОН: ИД масакрира цивили во близина на Мосул

ОН: ИД масакрира цивили во близина на Мосул

Обединетите нации соопштија дека добиле извештаи оти Исламска држава масакрирала цивили во Ирак, додека ирачките владини сили се приближуваат до Мосул, последното прибежиште на ИД во земјата.

Комисијата за човекови права на ОН соопшти дека околу 70 тела со рани од куршуми се откриени во куќа во село во близина на Тулул Насер, околу 35 километри јужно од Мосул. Од комисијата наведуваат дека со особено внимание ги разгледуваат извештаите затоа што е невозможно независно да се проверат злосторствата извршени во Ирак.

Руперт Колвил, портпаролот на комисијата на ОН, на прес-конференција во Женева рече дека продолжуваат да добиваат извештаи за напади на ИД врз жени и врз деца, како и врз машки цивили.

Комисијата објави дека на 19 октомври ИД убила 15 цивили во селото Сафина, околу 40 километри од Мосул, втор по големина ирачки град. Телата на убиените, како што соопштија, биле фрлени в река.

Во истото село се пронајдени уште шест убиени, кои биле врзани за возила и влечени до смрт, наведе Комисијата за човекови права на ОН.