Свет ОН ги обвинија сириските власти за страдањата на цивилите

ОН ги обвинија сириските власти за страдањата на цивилите

Високиот комесар на ОН за хуманитарна помош, Стивен О’Брајан, ја обвини сириската влада дека ги користи цивилите како „воена тактика“, одбивајќи да им достави хуманитарна помош на жителите на окупираните градови, што ги принудува цивилите да избираат меѓу глад и бегање на несигурни локации.

Тој истакна пред Советот за безбедност на ОН дека илјадници Сиријци во најмалку 10 градови во изминатите неколку месеци се соочиле со овој избор, вклучувајќи го и источниот дел на Алепо, кој до неодамна беше под контрола на бунтовниците, како и градовите Мадаја и Забадани.

Во последните недели, О’Брајан рекол дека илјадници Сиријци се префрлени во населбата која е под опсада во Дамаск, Хомс и во Џарабулс.

– Евакуациите следеа по повеќегодишни интензивни воздушни напади, гранатитање и снајперски напади. Тактиката е премногу очигледна – да се направи животот неподнослив, а смртта очекувана – рече високиот комесар.

Тој оцени дека тактиката на сириската влада претставува „монструозен облик на суровост“, која се спроведува над цивилите.

О’Брајан истакна дека ОН во април и во мај од властите во Дамаск побарале дозвола за достава на хуманитарна помош за повеќе од милион луѓе, но дека е одобрена достава за само 266.750 лица.