Македонија ОМ денеска во 12 часот повторно на протест за ослободување на Љубе...

ОМ денеска во 12 часот повторно на протест за ослободување на Љубе Бошкоски

Партијата Обединети за Македонија (ОМ) за денеска во 12 часот најави протест пред зградата на министерството за правда на кој нејзините членови и симпатизери ќе бараат ослободување од затвор на претседателот на партијата и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски.

Во најавата за протестот, објавена на фејсбук-страницата на ОМ, партијата ги повикуваат сите граѓани, членови на политички партии и активисти да се приклучат на протестот под мотото „Стоп за тортурата, слобода за Љубе Бошкоски“.

Од ОМ велат дека протестот ќе биде последен повик до директорот на затворот „Идризово“, Живко Пејковски да не биде соучесник во туртурата врз Љубе Бошкоски.

Протестот, како што информираат од ОМ ќе биде со возила кои во 10 минути до 12 часот од Јужен булевар (зад ТЦ „Рамстор“) ќе тргнат кон министерството за правда. Сите оние кои ќе бидат без возила, партијата ги повикуваат да се придружат на собирот во 12 часот пред министерството.

Генералниот секретар на партијата, Раде Милососки на прес-конференција, во вторникот неделава, рече дека доколу најдоцна за три дена Љубе Бошкоски не биде ослободен од затвор, партијата ќе ги радикализира протестите.

Специјалното јавно обвинителство во понеделникот соопшти дека отвара истражна постапка под кодно име „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски ден по изборите во 2011 година. Првоосомничен во случајот е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, кој според СЈО бил нарачател на апсењето. Останатати шестмина осомничени се припадници на мобилната полициска едница „Алфи“.

На Бошкоски во јуни му истекува петгодишната затворска казна за случајот „Кампања“, но, загласно прописите тој може да биде ослободен 90 дена порано.