Македонија ОЈО за организиран криминал: „Монструм“ е кај нас, но никој не ни...

ОЈО за организиран криминал: „Монструм“ е кај нас, но никој не ни го побарал

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција попладнево ја негираше изјавата на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, соопштувајќи дека предметот за случајот „Монструм“ е во нивна надлежност и во нивната архива и дека никој досега, ниту СЈО, ниту Советот на јавни обвинители не им го побарал.

Јанева на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање зошто не го отвори случајот „Монструм“, рече дека очекува Советот на јавни обвинители да го достави до СЈО за да се одлучи дали ова обвинителство е надлежно за предметот.

„Предметот до овој момент воопшто не бил побаран ниту од страна на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, ниту од страна на Советот на јавни обвинители. Овој предмет се наоѓа во архивата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, стои во соопштението од Обвинителството за организиран криминал и корупција.