Македонија Охрид може да се најде на листата на загрозено светско наследство на...

Охрид може да се најде на листата на загрозено светско наследство на УНЕСКО

УНЕСКО ѝ даде рок на Македонија до 1 февруари 2017 година да достави извештај за статусот на конзервација и за чекорите преземени за спроведување на препораките и во случај на потврдување на утврдената или потенцијална опасност за природните и за културните добра на Охридскиот Регион.

Охридскиот Регион би можел да се најде на листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО, поради плановите за изградба ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2 и на железничкиот коридор 8.

Состојбата дополнително ќе се влоши со изградба на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин, чија градба е почната и покрај сите протести не еколозите и петициите на локалните жители.

Можно е дотогаш УНЕСКО во Македонија да испрати советодавна мисија која треба да ѝ помогне на владата да ги отстрани сериозните забелешки нотирани во заклучоците на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, донесени на седницата одржана во јули во Истанбул, Турција.

Во нив се наведува дека Охридскиот Регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја, што се толкува како чекор до губење на статусот на заштитено подрачје.

Реагираа и од регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција.

– Очекуваме наскоро да ја добиеме целокупната документација од државата, по што на почетокот на следната година во Македонија ќе дојде мисија на УНЕСКО, а потоа подетално ќе може да се произнесеме за состојбата на заштитеното културно и природно наследство во Охридскиот Регион. Тоа е мисија од советодавни тела на УНЕСКО која доаѓа на барање на владата – прецизираше Синиша Шешум од регионалната канцеларија.

Охридскиот Регион е впишан во листата на природно и културно светско наследство на УНЕСКО во 1979 година.

Досега повеќепати е предупредувано на опасноста од губење на статусот на Охрид и на езерото, како град и природен басен под патронатот на УНЕСКО.