Македонија Охрид денеска и утре е домаќин на одбележувањето на 50-годишнината на МПЦ

Охрид денеска и утре е домаќин на одбележувањето на 50-годишнината на МПЦ

Во Охрид, градот во кој пред половина век е прогласена автокефалноста на МПЦ, денеска и утре се одбележува црковниот јубилеј.

На  17 јули 1967 година на свечена седница во црквата „Св. Климент Охридски“ во Охрид,  Светиот архиерејски синод на МПЦ, во состав митрополитот македонски Доситеј, епископот преспанско-битолски Климент, епископот злетовско-струмички Наум, епископот дебарско-кичевски Методиј и епископот американско-канадско-австралиски Кирил, ја донел одлуката за автокефалност.

Чествувањето на овој настан почна денеска во 17 часот, со вечерна богослужба во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник. За 18.30 часот е закажан почетокот на Духовната академија во катедралниот храм „Света Софија“, на која свое обраќање ќе има поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. На свеченоста е поканет државно-политичкиот врв, претставници на дипломатскиот кор, МАНУ, универзитети, културни институции.

Утре, по повод празникот Собор на сите македонски светители, во катедралниот храм „Света Софија“ со почеток во 9 часот ќе се одржи света божествена литургија, со која ќе чиноначалствува поглаварот Г.Г. Стефан, во сослужение на останатите членови на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.