Свет Балкан Одѕивот на локалните избори во Косово 43,09 проценти, полицијата со детали за...

Одѕивот на локалните избори во Косово 43,09 проценти, полицијата со детали за напад со огнено оружје на Јариње

Принтскрин: zgjedhjet2021.org

Денеска редовни локални избори се одржуваат и во Косово. До 19 часот гласале 43,09 проценти од гласачите, објави Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) на официјалната веб-страница. Најголем одѕив имало на северот на Косово во Звечан каде гласале 82,68 проценти, во Лепосавич 74,26 проценти и во Северна Митровица каде излезноста била 65,55 проценти. Најмал одѕив имало во Драгаш каде гласале 25,69 проценти.

Изборниот ден во Косово го одбележаа неколку инциденти. Околу 18 часот и 40 минути косовските медиуми објавија дека се случил оружен напад врз еден од контролните пунктови на полицајци и цариници на границата Јариње.

Портпаролот на полицијата Баки Келани во изјава за Коха.нет рече дека постои сомневање дека истрелот е испукан од правец на селото Тушница во Србија и дека нема информации за повредени додека не започнат истрагите.

„Работата и сообраќајот на овој заеднички граничен премин, кој се наоѓа на територијата на Србија, според договорот за интегрирано гранично управување продолжува без никакви проблеми“, се вели во полициското соопштение.

Овој напад се случил откако војниците на КФОР официјално го напуштија граничниот премин во Јариње кој го обезбедуваа по случувањата со мерката на реципроцитет со регистарски таблички.

Во текот на денот забележани се други инциденти. Косовската полиција уапси две лица во Малишево за давање или примање поткуп во врска со гласањето. Уапсените се набљудувач и комесар од избирачкото место во гимназијата „Хамди Бериша“ под сомнение за купување гласови.

„По наредба на државниот обвинител, двајцата се во притвор“, стои во известувањето на Специјалното обвинителство на Косово.