Здравје Од утре започнува караван за вакцинација, граѓаните ќе може да се вакцинираат...

Од утре започнува караван за вакцинација, граѓаните ќе може да се вакцинираат на лице место

Фото: Мета.мк

Од утре, Министерството за здравство, со поддршка од УСАИД, УНИЦЕФ и Светската здравствена организација ќе го започне караванот за информирање и вакцинација, информираат во министерството. Предвидено е да се посетат 24 заедници низ земјата, под слоганот „Заедно заштитени – вакцините делуваат“.

„Караванот ќе пренесува до локалните заедници информации за редовните вакцини за деца, за вакцините против сезонски грип и за вакцините против ковид-19 и ќе овозможи вакцинација против ковид-19 на лице место“, велат оттаму.

Во министерството потсетуваат дека повеќе од два века вакцините им помагаат на луѓето да останат здрави, почнувајќи од првата вакцина за заштита од големи сипаници, па сѐ до најновите вакцини што се користат за спречување тешки случаи на ковид-19.

„Имавме долгогодишен и тешко стекнат напредок во редовната вакцинација кај деца. Процентот на деца кои ја примиле втората доза против сипаници опаднал од 93,4 отсто во 2019 година на 68,5 отсто во 2020 година, со покачување на 80,4 отсто во 2021 година“, информираат во министерството.

Караванот почнува во пресрет на сезоната на грип, па затоа ќе се споделуваат информации за вакцинација против сезонскиот грип. Ќе биде истакната потребата од вакцинирање и против ковид-19, бидејќи 46,7 отсто од вкупното население во Северна Македонија се вакцинирани со две дози, а само 8,9 отсто се вакцинирани со трета доза. Тимовите за имунизација ќе обезбедат вакцинација против КОВИД-19 на лице место.

 

Локации и време кога караванот ќе ги посети заедниците низ целата земја:

19. октомври – плоштад Куманово (10 – 12ч.); Черкези, училишниот двор (12:30 до 14:30ч.); Старо Нагоричане, пред општината (15 до 17ч.)

20. октомври – плоштад Струмица (10 до 12ч.); Ново Село, пред болницата (12:30 до 14:30ч.); Василево, пред Домот на културата (15 до 17ч.)

21. октомври – Велес пред театарот (10 до 12ч.); Чашка, на плоштадот кај општината (12:30 до 14:30ч.); Бузалково, до општината (15 до 17ч.)

22. октомври – Прилеп, пред Старата Чаршија (10 до 12ч.); Долнени, пред општината (12:30 до 14:30ч.); Кривогаштани, пред општината (15 до 17ч.)

23. октомври – Битола, Саат-кула (10 до 12ч.); Новаци, до пазарот Шик (12:30 до 14:30ч.); Могила (15 до 17ч.)

24. октомври – Охрид, плоштад Крушевска Република (10 до 12ч.); Мешеишта, до полигонот (12:30 до 14:30ч.); Косел, (15 до 17ч.)

25. октомври – плоштад Тетово (10 до 12ч.); Боговиње, пред општината (12:30 до 14:30ч.); Теарце, училишниот двор на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ (15 до 17ч.)

26. октомври – плоштад Скопје (10 до 12ч.); Сарај, пред основното училиште „Дитуриа“ (12:30 до 14:30ч.); Ракотинци, пред општината (15 до 17ч.)