Економија Од УЈП очекуваат 400.000 пријави за данок, а поднесени се околу 145.000

Од УЈП очекуваат 400.000 пријави за данок, а поднесени се околу 145.000

До Управата за јавни приходи досега се доставени вкуно 145.475 годишни даночни пријави, а очекуваат да бидат поднесени 400.000 пријави.

Граѓаните треба да поднесат годишна даночна пријава за остварени дополнителни приходи во текот на 2015 година, до 15 март 2016 година.

Годишна даночна пријава (ГДП) задолжително се поднесува за остварен приход освен плата или пензија или приход од земјоделска, односно самостојна дејност, приходи од кирии од издавање имот, авторски права, индустриска сопственост, исплатена дивиденда, капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот, добивка од наградна игра во износ поголем од 5.000 денари, приходи остварени од игри на среќа преку специјализирани странски интернет-страници.

Годишна даночна пријава треба да се поднесе и за лични примања од странство, работно ангажираниње во амбасада, мисија на меѓународна организација, приходи остварени преку интернет како е-трговија, услуги извршени преку специјализирани страници, на пример www.freelancer.com,www.upwork.com, поставување реклами на сопствени интернет-страници, прогнози на типови за спортски натпревари и други дополнителни приходи, надвор од редовната плата или пензија.

Граѓаните кои во текот на минатата година оствариле приходи врз основа на надомест од договори за дело, авторски договори и други договори за кои постоеше обврска за плаќање социјални придонеси за т.н. „хонорарци“, во согласност со одредбите на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во примена од 1 јануари 2015 до 31 јули 2015 година, потребно е да ги искажат соодветно и во годишната даночна пријава, во зависност од видот на исплатата.

Годишната даночна пријава е бесплатна и може да се преземе од веб-страницата на УЈП.