Македонија Од странство ќе бараме пари за воведување на аеродромскиот воз

Од странство ќе бараме пари за воведување на аеродромскиот воз

Фото: ТАВ Македонија

Министерството за транспорт и врски ќе треба допрва да ја изработува физибилити студијата за оправданоста од воведување на директен воз од Меѓународниот аеродром Скопје до Транспортниот центар. Во изјава за „Мета.мк“, од надлежното министерство велат дека тие допрва ќе се одлучат од која меѓународна финансиска институција ќе побараат поддршка за реализацијата на овој проект.

– Бидејќи се работи за голем проект, очекуваме финансирањето да биде од меѓународни финансиски институции – посочуваат од Министерството за транспорт и врски.

Во Националната транспортна стратегија за периодот 2018 – 2030 година е проценето дека изградбата на аеродромскиот воз би чинела 30 милиони евра, бројка која што ја потврдуваат и од надлежното министерство. Притоа, тие дополнуваат дека оваа сума на средства се потребни единствено за изградба на железничкиот крак од постојната пруга Скопје – Куманово до аеродромот и за изведба на аеродромската железничка станица. Дополнителни средства ќе бидат потребни за набавка на нови возови што би сообраќале на оваа релација.

Во однос на тоа кој би требало да биде инвеститор во проектот за аеродромски воз, од Министерството за транспорт и врски велат дека физибилити студијата ќе даде најдобар одговор на ваквото прашање.

– Очекуваме да бидат вклучени поголем број на државни институции – потенцираат од ова министерство.

Проектот за воведување на аеродромскиот воз би им овозможил на граѓаните двојно побрзо да патуваат меѓу скопскиот аеродром и центарот на градот, и тоа по четири пати пониска цена на билетот во споредба со постојниот износ. Воедно, идните возови би можеле да превезуваат и над пет пати повеќе патници во споредба со постојните автобуси, со што оваа железничка линија би можело да ја користат и граѓаните кои живеат и работат во источните предградија на Скопје.

 

Од ТАВ Македонија, како концесионер на скопскиот аеродром, веќе изјавија дека тие сакаат да се реализира проектот за аеродромскиот воз, но и дека не би инвестирале во него. Од Градот Скопје велат дека директната железничка линија кон аеродромот е проект што се наоѓа надвор од територијата на главниот град и е надвор од нивна ингеренција.