Хроника Од стан во Скопје украдени пари, златен накит и два пиштоли

Од стан во Скопје украдени пари, златен накит и два пиштоли

Непознат сторител, вчера провалил во стан во Скопје и украл извесна сума пари, златен накит и два пиштоли, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, кражбата се случила во стан на улицата Иван Аговски, во населбата Карпош, сопственост на М.Н. (36). Крадецот влегол во станот, откако насила и со употреба на погоден алат ја отворил влезната врата.

Тој, според полицијата, одзел златен накит, 2.000 евра, 3.000 денари и два пиштоли, марка „валтер“ калибар 9 милиметри и „застава“ калибар 6,35 милиметри. Вкупната вредност на пленот била проценета на околу 450.000 денари или околу 7.317 евра.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за откривање на сторителот.