Македонија Oд следната недела ќе започнат со работа пет нови ковид амбуланти во...

Oд следната недела ќе започнат со работа пет нови ковид амбуланти во Скопје

Фото: Pixabay/@fernandozhiminaicela

Дополнителни превентивни мерки нема да има, епидемилошката состојба во болниците е стабилна. Иако има зголемување на бројот на случаи, нема зголемување на бројот на хоспитализирани, соопшти денеска д-р Злате Мехмедовиќ на прес-конференција, откако заврши состанокот на членовите на Комисијата за заразни болести. Тој кажа дека најголемиот дел од оптовареноста на системот е на грбот на матичните лекари, па затоа Комисијата работела на систем за зајакнување на примарниот дел од здравството.

„Ги дефиниравме просторот, опремата и кадарот кои треба да бидат вклучени во реорганизацијата. Во текот на наредната недела треба да почнат со работа пет ковид-амбуланти на територијата на Скопје. Ова е добро решение за намалување на проблемите во однос на дијагностиката и на третманот“, рече тој.

Пренесувањето на вирусот е високо, но не предизвикува тешка клиничка состојба и не ги преполнува болниците. Мехмедовиќ кажа дека системот е подготвен да одговори ако има зголемен број на случаи.

„Варијантата БА.5 е застапена кај повеќе од 85 отсто од примероците што се земени за секвенционирање. Најчестите проблеми врзани со ковид, односно со омикрон и со варијантата БА.5 не подразбираат дигестивни проблеми. Стомачните проблеми не се толку чести кај варијантата БА.5. Тешко е да се диференцира и дали и која било температурата и секоја кашлица, течење на носот или болка во грлото се поврзани со ковид-19. Но, тоа се основните симптоми поврзани со болест предизвикана од ковид“, рече тој.

Граѓаните не се тестираат, па затоа е тешко е да се има реалната слика, додаде докторот.

„Не можеме да кажеме дека граѓаните не сакаат да се тестираат, тоа е перцепција што ја добивме од искуствата на матичните лекари од терен. Не можеме да кажеме дека причината за малиот број на тестирања е одбивањето, летните одмори или брзите антигенски тестови. Можеби најдобриот начин за утврдување на состојбата е да се направат независни истражувања“, додаде тој.