Ctrl - Z Од понеделник започува обемното тестирање ПИСА за учениците од прва година

Од понеделник започува обемното тестирање ПИСА за учениците од прва година

Фото: Sergey Zolkin on Unsplash

Идниот понеделник започнува реализацијата на мeѓународното тестирање ПИСА во земјава, за ученици од прва година средно образование, односно родени 2006 година. Од ова големо тестирање во кое учествуваат 85 држави во светот, ќе бидат дел 8.000 ученици од сите училишта за средно образование во С. Македонија. Како што информира за Мета.мк директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Елизабета Наумовска, во ПИСА се вклучени сите јавни средни училишта и пет приватни училишта.

„За прв пат полагањето ќе се одвива на компјутери. Опфаќа знаења на ученици за мајчин јазик, јазични вештини, математика и природни науки. За прв пат ќе се оценува и нивната креативност во одговарањето на задачите, кои ќе бидат проблемски. Тестирањето ќе започне на 11 април, а последниот рок за тест е 25 мај“, вели Наумовска.

Претставници на ДИЦ одржале состаноци со сите директори и координатори за ПИСА, кои треба да ги мотивираат наставниците и учениците да одговараат поквалитетно.

„Сите европски проекти во делот на образование се базираат во најголем дел на резултатите што се добиваат од меѓународните тестирања. Така што, како држава би добивале повеќе пари ако имаме добри резултати на меѓународните тестирања. ПИСА се прави во организација на ОЕЦД, резултатите ќе бидат готови во 2023 година. Подготвени сме, ќе има и меѓународен мониторинг, а ние со наши кадри во секое училиште ќе го мониторираме процесот на тестирање. Не треба да има помош од наставниот кадар. Тестирањето ќе трае три часа“, додава Наумовска.

ПИСА ќе ги провери општите знаења од природните науки, мајчин јазик и математика што ги стекнале учениците уште во основното образование. Се бираат ученици по случаен избор, а опфатени се отприлика 50 отсто од учениците што се во прва година.

ПИСА (Programe for International Student Assessment) е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште. Се оценуваат три подрачја, оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишани материјали, математичка писменост, писменост во природните науки.