Македонија Од понеделник банките ќе почнат со етапна исплата на априлските пензии

Од понеделник банките ќе почнат со етапна исплата на априлските пензии

Фото: Архива на Мета.мк

Oд понеделник 26.04.2021 година, почнува етапната исплата на априлските пензии. Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од корона вирусот.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:

  • За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 26.04.2021 година (понеделник);
  • За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 27.04.2021 година (вторник);
  • За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 28.04.2021 година (среда);
  • За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 29.04.2021 година (четврток).

„Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 26 април (понеделник). Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања“ појаснуваат од МТСП.

Од министерството апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.