Проверка на факти Од Каменос преку Сарадакос, Караџаферис и Шарл де Гол – патот на...

Од Каменос преку Сарадакос, Караџаферис и Шарл де Гол – патот на една дезинформaција

Поранешниот грчки министер за одбрана Панос Каменос, кој важеше за остар опонент на постигнување договор на Грција и Македонија за надминување на спорот за името, во многуте свои јавни истапи настапуваше остро против Македонија и против тоа новото име на земјава да го содржи зборот „Македонија“.

Во еден обид да ги поткрепи своите тврдења, тој дури рекол и дека Велика Британија морала да го смени своето име во Обединето Кралство, по француско вето за нејзиниот влез во Европската економска заедница (ЕЕЗ), претходничка на сегашната Европска Унија, поради името на француската покраина Бретања.

Грчкиот сервис за проверка на фактите, „Елиника Хоуксис“ ја откри невистинитоста на неговата изјава.

„Ако Скопје сака решение, ќе мора да го направат тоа што го направи Англија за да се приклучи на Европската економска заедница и на барање на претседателот на Франција, Де Гол, го смени своето име од Велика Британија во Обединетото Кралство“, вели Каменос.

Но дали навистина се случило така? „Елиника Хоуксис“ пренесувајќи го текстот на Никос Сарадакос, целосно ги порекнува ваквите наводи. Сарадакос, всушност, пишува за идентичната изјава што во 2008 година ја кажал Јоргос Караџаферис, но аргументите во потполност одговараат и на изјавата на Каменос.

Првиот аргумент што се изнесува како одговор на двајцата грчки политичари е дека нивното тврдење е само половично вистиното.

Односно, не е вистина дека противењето на францускиот претседател Шарл де Гол на приклучувањето на Велика Британија на ЕЕЗ било поради нејзиното име.

„Де Гол бил загрижен од последиците од влегувањето на Велика Британија во заедничката земјоделска политика на ЕЕЗ, но исто така бил исплашен дека преку Британија влијанието на САД во Европа ќе се зголеми“, пишува Сарадакос.

Тој напоменува и дека името Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска постои уште од 1927 година, како модификација на името Обединето Кралство на Велика Британија и Ирска, кое се користело од 1801 година до 1927, кога сегашна Ирска станува самостојна, а Северна Ирска останува под британска власт.