Економија Од Европскиот фонд со 21 милијарда евра, ќар ќе има и Западен...

Од Европскиот фонд со 21 милијарда евра, ќар ќе има и Западен Балкан

Новиот Европски фонд за стратегиско инвестирање – ЕФСИ (SEIF) ќе располага со 21 милијарда евра, но според претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, неговата работа ќе има ефект врз економијата за 15 пати повеќе од тоа, односно околу 215 милијарди евра.

Приоритетите се да се креираат нови работни места, да се зголеми економскиот пораст и да се подобри конкурентноста.

Земјите од Западен Балкан во соработка со Асоцијацијата на европски комори имаат можности преку поврзување, но и во соработка со земјите-членки на ЕУ, да бидат партнери во областа на конкурентноста, енергетската ефикасност, стратегиската инфраструктура и сл.

Европската инвестициска банка (ЕИБ), како финансиски орган на ЕУ, ќе управува со ЕФСИ, кој е замислен како фонд „ублажувач на ризикот“, наменет за поризични проекти од оние кои ЕИБ вообичаено ги финансира.

Преку тој фонд ќе се понудат поцврсти гаранции и ќе се привлечат приватни инвестиции кои ги нема во реалниот сектор, односно во стратегиска инфраструктура, образование, истражување и иновации.

Европскиот инвестициски план на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, беше презентиран на средбата насловена „ЕУ – инвестициона офанзива“ во Виена, на која присуствуваа претседателите на стопанските комори од Западен Балкан.

Меѓу нив беше и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

Тие остварија и средба со потпретседателот на Европската комисија за вработувања, пораст, инвестиции и конкурентност, Јирки Катаинен, како и со потпретседателот на Европската инвестициска банка, Вилхем Молтерер.