Македонија Од ЕБОР бараме 70 милиони евра за воведување на „трамвајот на тркала“...

Од ЕБОР бараме 70 милиони евра за воведување на „трамвајот на тркала“ во Скопје

Физички одвоена траса за движење на БРТ возилата во Буенос Аирес; Фото: Gobierno de la Ciudad Autónoma de Buenos Aires, CC BY 2.5 ar, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=40121880

Македонската влада побарала 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за финансирање на воведувањето на брзиот автобуски систем (БРТ) во Скопје. Проектот е разгледан од ЕБОР, проценката за неговиот импакт е оценета со 70, на скала од 0 до 100, со што тој се наоѓа на границата помеѓу добри и силни проекти, при што банката треба допрва да го одобри ваквиот заем.

„Трамвајот на тркала“ во главниот град би се имплементирал во две фази, при што првата транша од кредитот во висина од 40 милиони евра би се издвоила за изградба на БРТ линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека во втората фаза ЕБОР ќе даде 30 милиони евра за изградба на втората линија од Кисела Вода до Бутел. Заемот подигнат од државава ќе му биде доделен на Град Скопје, кој ќе го реализира проектот за воведување на брзиот автобуски систем.

„Главната цел на проектот е значително да се подобри нивото на услугата за јавен превоз и да се помогне во намалување на загадувањето на воздухот во Скопје, во моментов еден од најзагадените градови во Европа“, се наведува во образложението за овој проект објавено на веб-страницата на ЕБОР.

Од оваа банка минатиот месец веќе соопштија дека ќе го поддржат Градот Скопје во изработката на Студија за реструктурирање на јавниот автобуски превоз во главниот град, којшто како документ треба да му претходи на почетокот на изградбата на проектот.

Покрај набавката на новите автобуси, за БРТ-то ќе биде неопходно да се одземе по една сообраќајна лента и жардиниерите на скопските булевари по кои ќе се трасираат двете линии. Покрај изведба на физички одвоена траса, неопходно ќе биде да се изградат и нови автобуски стојалишта, кои би се наоѓале на средишниот дел на булеварите.

Покрај планираниот кредит од 70 милиони евра што ќе се подигне од ЕБОР, веќе е извесно дека Градот Скопје и владата ќе треба да издвојат и сопствени средства за воведување на брзиот автобуски систем. Засега нема информација дали ќе се бараат средства од други извори за заокружување на финансиската конструкција.

Во „Стратешкиот план на Град Скопје за период 2020-2022 година“ се планира БРТ-Скопје да почне да се имплементира во 2022 година, за што е проценето дека ќе се потрошат 182 милиони евра. Слична проекција за временската рамка за реализација на проектот дадоа и експертите, кои посочија дека ќе бидат потребни најмалку три години за изработка на физибилити студија и проектна документација за новото средство за јавен превоз.