Македонија Од денеска функционира бројот 112 за вртење во полиција, брза помош, пожарна...

Од денеска функционира бројот 112 за вртење во полиција, брза помош, пожарна и ЦУК

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Граѓаните од денеска ќе може да го користат бројот 112 за пријава на итни случаи во полиција, брза помош, пожарна и Центарот за управување со кризи. За почеток, овој број ќе функционира само во Скопје, а за 10 дена системот ќе почне да функционира низ целата земја. Најмалку уште една година ќе продолжат да функционираат и досегашните одделни броеви 192, 193, 194 и 195.

Воспоставувањето на целиот систем на бројот 112 за итни случаи е реализирано со поддршка од Европската Унија во висина од 2,3 милиони евра, за што се набавени хардвер, софтвер и стручна помош. Сите повици на бројот 112 ќе се примаат во главниот центар во Центарот за управување со кризи, при што од таму ќе се пренасочуваат повиците кон службата за којшто е наменет.

Итниот број 112 е предвиден како едношалтерски сервис за сите потреби на граѓаните. Сепак, сите повици кон бројот ќе бидат снимени за да се избегне неодговорно однесување од поединци.

Со воведувањето на овој број, Македонија се приклучува на земјите-членки во ЕУ во коишто има единствен број за итни случаи преку кој им се помага и олеснува на населението во пријавувањето на настани со кои се загрозува нивниот живот или материјалните добра.