Македонија Обвинителството побарало професорите осомничени во „Еразмус“ да не одат на работа

Обвинителството побарало професорите осомничени во „Еразмус“ да не одат на работа

Основното јавно обвинителство Скопје побара на професорите кои се осомничени во случајот „Еразмус“ да им биде забрането да одат на работа за да не го попречат нормалното водење на кривичната постапка.

„И покрај истражната постапка, забележано е дека обвинетите продолжуваат да ги извршуваат своите работни активности во рамките на Економскиот факултет во Скопје и притоа се во секојдневен контакт со студенти, а со тоа и со оштетените и со жртвите во кривичната постапка што се води. Со оглед на тоа што кривичните дела за кои се води постапка се поврзани како со извршувањето на нивните работни активности, така и со студентите и со меѓусебната комуникација на факултетот, јавниот обвинител цени дека со судска одлука на обвинетите треба да им се забрани да ги извршуваат работните активности до правосилното завршување на постапката“, пишува во соопштението на обвинителството.

За предметот „Еразмус“, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција спроведе истражна постапка против шест лица поради постоење на основан сомнеж дека двајца примале или давале поткуп и ја злоупотребиле службената положба.

Тогаш Основниот суд Скопје 1 на обвинетите им изрече мерки на претпазливост – обврска повремено да се јавуваат во Судот и им беа одземени пасошите.

Првооосмничен во овој случај е поранешнен декан на Економскиот факултет со иницијали Б. Ш.