Свет Објавени повеќе од 1.000 страници од електронската пошта на Клинтон

Објавени повеќе од 1.000 страници од електронската пошта на Клинтон

Американскиот Стејт департмент денеска објави повеќе од илјада страници електронски пораки на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, од кои, една осмина биле доверливи.

Меѓу објавените пораки има и доверливи преписки, повеќето со ниско ниво на тајност, а ниту една електронска порака не е означена како највисока државна тајна.

Стејт департментот досега објави повеќе од 45.000 страници од приватниот е-маил што Клинтон го користела како државна секретарка.

Кандидатката за претседателска номинација на демократите, Хилари Клинтон, е под силен притисок поради електронската пошта, бидејќи додека била на чело на американската дипломатија, спротивно на практиката, го користела приватниот е-маил и сервиси за преписки.

Планирано е објавувањето на електронските пораки на Клинтон да заврши на 29 февруари, во пресрет на партиското гласање за претседателската номинација.

Минатиот месец беше спречено објавување на 22 електронски пораки бидејќи содржеле материјали што биле означени како највисока државна тајна. ФБИ, исто така, ја испитува безбедноста на приватниот сервер што Клинтон го користела додека била државна секретарка.