Како што продолжува неизвесноста околу Ковид-19, нациите од целиот свет секојдневно соработуваат за да ги усогласат напорите за создавње на безбедна, ефективна и глобално достапна вакцина и се надеваат дека ќе ја постигнат оваа цел во рекордно време.
Додека со рестриктивните мерки и социјалното дистанцирање купивме време и се здобивме со еден вид на контрола, она што ни е навистина потребно за да ставиме крај на пандемијата и да започнеме глобално економско закрепнување се функционална вакцина и ефективни третмани.
Создавањето и дистрибуцијата на безбедна и ефикасна вакцина за толку кратко време е глобален потфат. Потребна е решителност, соработка и континуирано споделување на експертиза. Земјите, владите, научниците и фармацевтските компании треба да се координираат за да се осигураат дека ќе ги постигнеме нашите амбиции за создавање вакцина што е можно побрзо. Не само што вакцината ќе спаси безброј животи, туку ќе ни овозможи да се концентрираме и на закрепнување на нашите економии.
Обединетото Кралство веќе има инвестирано 313 милиони фунти за развој на нови вакцини, третмани и тестови. Исто така има обезбедено 1,65 милијарди фунти за Алијансата за вакцини – Гави (Gavi the Vaccine Alliance), односно за нивната значајна работа и имунизација низ целиот свет.
Глобалниот самит за вакцини е исто така можност да се претстави улогата на Гави во создавањето и дистрибуцијата на вакцина против корона-вирус. Гави, заедно со своите партнери, веќе напорно работи за да се осигура дека секоја идна вакцина е ефикасна, безбедна и може да се дистрибуира низ целиот свет. Најдобрата одбрана на светот од корона-вирусот ќе биде навремено дистрибуирана вакцина што ќе го олесни нашето заедничко закрепнување и ќе го намали ризикот од повторување на пандемии.
Ние сме посебно горди што се бориме рамо до рамо со меѓународните партнери во оваа борба против корона-вирусот. Со проширување и одржување на оваа блиска соработка, можеме да го зголемиме бројот на тестирања и да развиеме нови вакцини и третмани што ќе им бидат достапни на сите во најкраток можен рок, со цел да ја победиме оваа пандемија еднаш засекогаш.
Автор: Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија