Македонија Обединетото Кралство ја поддржува Северна Македонија во напредокот

Обединетото Кралство ја поддржува Северна Македонија во напредокот

Фото: Влада на РСМ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со министерот за Европа на Обединетото Кралство, Лео Докрти. На средбата е потврдено големото, искрено и долгогодишно пријателство помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кое што од независноста на државата до денес придонесува во развојот на демократските процеси на нашата земја, информираат во Владата.

„Оценето е дека членството во НАТО е важен чекор напред во развојот на нашата држава и е нагласено значењето на партнерството во рамки на Алијансата помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија“, наведено е во владиното соопштение.

На средбата се разговарало за продлабочување на соработката во областа на одбраната, спроведувањето на институционалните реформи, како и во енергетиката.

Премиерот Ковачевски изразил благодарност до министерот за Европа, Докрти, за тоа што Северна Македонија и Западен Балкан се меѓу приоритетите на Обединетото Кралство во надворешната политика, а е од големо значење за стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Претседателот на Владата, Ковачевски, нагласи дека Балканот мора да биде поврзан и дел од Европската Унија и дека е сега моментот за исчекор и влез на Република Северна Македонија во Европската Унија.