Ctrl - Z Обединет Балкан за чист воздух: Јавниот притисок како клучна алатка да бидеме...

Обединет Балкан за чист воздух: Јавниот притисок како клучна алатка да бидеме информирани за квалитетот на воздухот

Фото: Anne Nygård на Unsplash

Локалните и државните институции треба на граѓаните да им дадат навремени информации за аерозагадувањето, како што тоа го прават во случаи кога се намалува квалитетот на водата во јавните системи за снабдување или кога има зголемување на сончевото ултравиолетово зрачење. Јавниот притисок останува клучна алатка за подобрување на системот за следење и исполнување на правото да бидеме соодветно информирани за квалитетот на воздухот, укажуваат балканските еко-организации преку соопштение кое е дел од Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.

„Државите и локалните самоуправи се должни да овозможат пристап до информации околу загадувањето на воздухот во кое било време. Ние би сакале да ги потсетиме нив, дека ова прашање е подеднакво важно како и известувањето за природни катастрофи. Податоците треба да бидат навремени и лесно достапни, а нивното презентирање пред граѓаните мора да биде разбирливо. Граѓаните на Западен Балкан имаат право да го знаат моменталното ниво на загадување на воздухот и да бидат информирани за сите понатамошни случувања“, стои во кампањата на еко активистите.

Тие потенцираат дека и покрај значителните достигнувања што се случија од првичното поставување на станиците за мониторинг на квалитетот на воздухот, тие сепак имаат недоволно територијално покривање.

Дури и во урбаната околина, немаат информации за одредени загадувачи, особено најфините честички од прашина (ПМ 2,5), што е една од најопасните материи. Многу станици во регионот ги објавуваат своите податоци задоцнето, иако тие би биле релевантни за населението само доколку се достапни секој час, велат еко-активистите

Според еколошките организации, недостатокот на сериозни инвестиции во станиците за мониторинг, спречува усвојување соодветни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот од страна на земјите во регионот кои немаат прецизен регистар на извори на загадување и дефинирани нивоа на емисии на штетни материи.

Еко-активистите потсетуваат дека со потпишување на Декларацијата од Софија во ноември 2020 година, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија се согласија да ја одобрат Зелената агенда за Западен Балкан, која вклучува обврска на земјите од СБ6 да ги подобрат напорите за следење и известување, отворајќи пат кон фондовите на ЕУ.