Свет Обама нема време за Столтенберг во Вашингтон

Обама нема време за Столтенберг во Вашингтон

Американскиот претседател Барак Обама нема да се сретне со новиот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој стапи на должност минатиот октомври, иако првиот човек на Алијансата е во тридневна посета на Вашингтон, јавува американската агенција „Блумберг“.

Од канцеларијата на Столтенберг побарале состанок со Обама значително пред планираната посета на Вашингтон, но не добиле одговор од Белата куќа, иако лидерите на сите останати 28 земји-членки на НАТО „пронајдоа време“ за Столтенберг, наведуваат два извори блиски до првиот човек на НАТО.

„Блумберг“ наведува дека, според соопштението од Белата куќа, Обама и немал баш „преполн распоред“ – вчера имал состанок и прес-конференција со авганистанскиот претседател Ашраф Гани во Белата куќа, денеска треба да одржи краток говор на почетокот на настанот посветен на Пристапност на здравствената состојба, а утре патува во Алабама да одржи говор за економија.

Авганистанскиот претседател ќе најде време да се сретне со Столтенберг додека двајцата се во градот, иако првиот човек на НАТО е во Вашингтон, пред сè, поради одржување на семинар на НАТО за трансформација – семинар кој се одржува еднаш годишно и го собира раководството на НАТО, експертите и високите претставници на земјата-домаќин.