Македонија Новозаразени се 25 лица, тројца пациенти починале, а 17 оздравеле

Новозаразени се 25 лица, тројца пациенти починале, а 17 оздравеле

Институтот за јавно здравје денеска регистрира 25 новозаразени пациенти со Ковид-19, 17 оздравени пациенти, како и тројца починати како резултат на компликации предизвикани од вирусот, информира Министерството за здравство.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Струга (58) и пациент од Скопје (47) и двајцата долго време поставени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 Септември“ почина пациент од Тетово (41) хоспитализиран на 19 мај. Во последните 24 часа направени се 622 тестирања, а регистрирани се 25 нови случаи на ковид-19, од кои најголем број во Скопје, 14 лица“, информираат оттаму.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2.039, бројката на оздравени пациенти е 1.470, на починати е 119. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 450.

Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 251 тест е во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи. Тестирањата се направени преку центрите за јавно здравје во Кочани, Куманово и во Скопје, а регистриран е еден позитивен случај во геронтолошка установа во Скопје. Досега преку скрининг направени се 2.680 тестирања на ковид-19, а регистрирани се вкупно три позитивни случаи на вирусот.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминативе 24 часа нема нови приеми, таму во моментов се хоспитализирани вкупно 50 пациенти. На кислородна поддршка се 25, на механичка вентилација е еден пациент. Во ГОБ „8 Септември“ примени се седуммина нови, а вкупно се хоспитализирани 26 пациенти. На респиратор се шестмина, a со потешка клиничка слика се уште осуммина пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани четири лица, а на домашно лекување се следат уште четворица пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани седум лица, а на домашно лекување се следат двајца пациенти. На ифективните одделенија во Велес, Куманово, Прилеп и Охрид се хоспитализирани 40 пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19“, стои во соопштението од министерството.