Технологија Наука Новороденчињата во Италија ќе се проверуваат за наследни болести

Новороденчињата во Италија ќе се проверуваат за наследни болести

Лекарите во Италија, во рок од 48 часа по раѓањето ќе ги прегледуваат новороденчињата за да утврдат можна појава на наследни болести, јавуваат италијанските медиуми, повикувајќи се на допис кој Министерството за здравство во Рим им го испратил на регионалните здравствени институции.

Раните прегледи ќе им овозможат на здравствените работници да осмислат примена на соодветни третмани и пред детето да ги покаже симптомите или последиците од болеста.

За програмата за рани прегледи, годинава ќе бидат издвоени 10 милиони евра. Прегледите во раната фаза од оваа програма ќе бидат насочени кон барање можни наследни метаболични болести.
– Благодарение на оваа мерка, постојните програми за преглед на новороденчињата ќе бидат дополнително зајакнати и проширени, за да се ограничи развојот на наследните метаболични болести. На тој начин можеме да ја спречиме штетата што би настанала поради доцното дијагностицирање на тие болести – рече италијанската министерка за здравство Беатриче Лоренцин.