Свет Балкан Новинарски „напад“ на Ципрас

Новинарски „напад“ на Ципрас

Интересот на светската јавност денеска е завртен кон Атина. Во прес-центарот „Запио“ се акредитирани 700 новинари, од кои повеќе од 500 се странски дописници. Балконите на хотелите на плоштадот Синтагма се преполни со камери и со дописници кои непрекинато 24 часа пренесуваат информации за референдумот и за иднината на Грција. Интересот на странските новинари можеше да се види во редиците што го чекаа пристигнувањето на премиерот Алексис Ципрас пред гласачкото место.

Само што излезе од возилото, огромен број новинари го опколија додека подмладокот на СИРИЗА гласно скандираше во поддршка на Ципрас. За сите да може да имаат визуелен пристап до него, на празниот простор во училишниот хол каде гласаше беа поставени две палети една врз друга за Ципрас да ја избегне случката од претходните избори, каде по пет минути чекање како да даде изјава се качи на училишно столче за сите медиуми да може да го видат и снимат.