Македонија Новинарите на ИРЛ, КОД и „360 степени“ добитници на ЕУ наградите за...

Новинарите на ИРЛ, КОД и „360 степени“ добитници на ЕУ наградите за истражувачко новинарство

Видео-сторијата „Урбани атентатори“ изработена од тим од Истражувачката репортерска лабораторија за „урбаната мафија“ во промената на ДУП-от на Тафталиџе ја доби првата награда на ЕУ наградите за истражувачко новинарство за 2019 година.

Втората награда ја доби видео-сторијата на Снежана Лупевска, Билјана Николовска и Миомир Серафимовиќ за емисијата „КОД“, а третата награда видео-сторијата за процесот на денационализација на Петар Клинчарски од редакцијата „360степени.мк“.

На денешната церемонија на доделувањето на наградите во организација на Самостојниот синдикат на новинaри и медиумски работници, евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека на овој начин се промовира слободата и одговорноста на новинарите да истражуваат и да пишуваат без страв на теми од јавен интерес.

„Живееме во исклучително време каде ширењето на коронавирусот и многуте ограничувања на нормалните активности ја оптоваруваат работата на новинарите. Лажните вести се еден таков пример, бидејќи нивното лесно ширење е еден од најголемите предизвици во светот денес. Ова е предизвик кој ги поткопува темелите на демократијата, довербата во институциите, но и во новинарството како професија. Прво, клучно е да продолжи да се негува независното и професионално новинарство и второ, должност на сите нас е да промовираме истражувања и медиумски писмена публика која нема да биде лесно поводлива по лажни вести или искривени извештаи,“ рече Гир.

Тој потсети дека слаба точка во државата е безбедноста на новинарите и потсети дека во најновиот Извештај на Европската комисија за 2020 година за земјава се нотирани констатациите на ЗНМ дека има мал процент на решени случаи на напади врз новинари и дека се бара нивно решавање.

На годинешниот конкурс пристигнале 24 стории, во претселекцијата избрани се 11 во потесен избор.