Македонија Нови мејлови со закана за поставена бомба испразнија 14 скопски училишта

Нови мејлови со закана за поставена бомба испразнија 14 скопски училишта

Фото: Мета.мк

Мејлови со заканувачка содржина за поставени бомби, денеска повторно добија 14 училишта во Скопје. Екипи на Министерството за внатрешни работи (МВР) работат на терен, откако претходно заврши евакуацијата на објектите. Оттаму не ја исклучуваат можноста во текот на денот да добијат уште пријави за поставени експлозивни направи.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, информираат во МВР.

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски на својот профил на Фејсбук информираше дека дојави стасале во училиштата „Наум Наумовски Борче“, „Стив Наумов“ и во „Наум Охридски“. Вчера, пак, во сите 11 училишта на територија на општината имаше дојави за бомби.

Едно од училиштата кое доби дојава е гимназијата „Орце Николов“. Директорот Митко Димовски за Мета.мк кажа дека е донесена одлука на наставнички совет, по добиена дојава за бомба учениците и професорите да одат дома и во рок од два часа да се вклучат онлајн и да продолжат со наставата, за да не губат часови.

Завчера за прв пат дојава за поставена бомба беше испратена до Претседателот Стево Пендаровски, до Министерството за внатрешни работи (МВР), но и до „ТВ Канал 5“ и „360 степени“. За сите досегашни дојави се утврди дека се лажни.

Првите дојави стасаа во пет училишта во Скопје на 26 октомври лани. Најпрво на удар беа училишта за средно образование, па мејлови почнаа да добиваат и основни училишта, а потоа и трговски центри, станбени згради, хотели и аеродромот во Скопје.