Свет Европа Нови апсења на претставници на ФИФА во Швајцарија

Нови апсења на претставници на ФИФА во Швајцарија

Швајцарските власти утринава спроведоа уште една серија претреси и апсења во рамки на истрагата за корупција во Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), а според првичните информации, уапсени се барем уште двајца претставници на ФИФА.

Весникот „Њујорк тајмс“ на својата интернет-страница, повикувајќи се на полициски претставници, објави дека барем неколку лица утринава биле уапсени во истиот хотел во кој во мај беа уапсени претставници на ФИФА.

Нешто подоцна, швајцарските правосудни претставници потврдија дека уште два челника на ФИФА се уапсени на барање на САД и со барање за нивна екстрадиција поради сомненија за корупција.

Властите во Швајцарија, каде се наоѓа седиштето на ФИФА, како и во САД, истражуваат сегашни и поранешни фудбалски претставници поради обвиненија кои вклучуваат изнуда, перење пари и проневера.

Тие, наводно, им платиле на „високо позиционирани лица“ да им продаваат права за маркетинг и за пренос на првенствата во Латинска Америка и за квалификации за Светско првенство, соопшти денеска швајцарското министерство за правда.