Свет Европа Нова средба Меркел – Ципрас вечерва во Брисел

Нова средба Меркел – Ципрас вечерва во Брисел

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска одново ќе седне зад затворени врати со германската канцеларка Ангела Меркел за да разговара за грчкиот долг и за новиот договор меѓи ЕУ и Грција.

Средбата ќе се одржи на маргините на вонредниот Самит на Европската унија во Брисел, кој ќе се фокусира на новонастанатата ситуација со имигрантите во ЕУ. Грчката јавност е резервирана во однос на очекувањата од средбата Ципрас – Меркел, особено затоа што изгледа дека и грчката страна и ЕУ сè уште немаат најдено заеднички јазик за одредени прашања.

Според информациите од владиниот кабинет, Ципрас на средбата ќе се обиде да издејствува некакво подобрување на климата и наоѓање формула која ќе ги ублажи преговорите со Еврогрупата и ќе може да ја донесе Грција поблиску до решение, иако сите изјави од европска страна укажуваат на тоа дека до крајот на месецов не може да се очекува решение и договор за новите грчки обврски и нова финансиска помош за Грција.

Грчкиот премиер се надева дека ќе успее да ја увери германската канцеларка во грчката ангажираност и посветеност и во ефикасноста на новите мерки за петочниот состанок на Еврогрупата да има позитивен исход за Атина. Она што се очекува, сепак, е дека Ципрас одново ќе се обиде да ги убеди еврпските партнери дека Грција сака заеднички прифатливо решение и ќе побара што побргу да се стигне до него.

Оцените се дека е можно Ципрас да удри во ѕид, главно поради тоа што Еврогрупата не е задоволна од фактот што грчката влада не отстапува од црвените линии, како прашањата за хуманитарната помош, противењето на приватизацијата, колективните договори и масовните отпуштања.

Покрај за финансискиот проблем, Меркел и Ципрас се очекува да разговараат и за ситуацијата со имигрантите. Средбата доаѓа токму еден месец по нивното последно тет-а-тет соочување во Берлин, состанок кој во Атина беше оценет како позитивна средба со која е скршен мразот меѓу Грција и Германија.