Економија Нова помош од 2,5 милиони евра за Македонски железници за исплата на...

Нова помош од 2,5 милиони евра за Македонски железници за исплата на плати

Ова е втора одлука за доделување средства на МЖ Транспорт за да си ги расчисти долговите откако Владата на 10 ноември лани исто така му исплати 16 милиони евра

Фото: Мета.мк

А.Д. Македонски железници – транспорт ќе добие вонредна помош од речиси 2,5 милиони евра за исплата на платите и за расчистување на обврските, пари кои се доделуваат со одлука на Министерството за транспорт и врски.

Ова е втора одлука за доделување средства на МЖ Транспорт за да си ги расчисти долговите откако Владата на 10 ноември лани исто така му исплати 16 милиони евра за плаќање на долговите за електрична енергија.

Последните средства се обезбедуваат од буџетот на ресорното Министерство, а ќе бидат префрлени на посебна наменска сметка на железничката компанија, која постојано е во загуба.

„Ставката разни трансфери е зголемена за 151.000.000 денари, кои ќе се користат наменски за исплата на плати и надоместоци од плата на вработените, како и плаќање обврски кон други доставувачи на Железници – транспорт АД Скопје“, стои во владината одлука донесена на 13 февруари.