Свет Балкан Нов состанок на министрите за финансии на еврозоната за Грција

Нов состанок на министрите за финансии на еврозоната за Грција

Министрите за финансии на земјите од еврозоната денеска ќе се сретнат на нов вонреден состанок во Брисел, откако вчера не успеаја да се сложат дали да го поддржат планот на Грција за нова програма за помош или да ја отсечат Грција од заедничката европска валута.

– Не успеавме да се согласиме, ќе продолжиме утре – рече доцна синоќа холандскиот министер и шеф на еврозоната, Јарун Дајселблум, и додаде дека постои „проблем со довербата“ во грчките власти.

Имајќи ја предвид острата поделба која е изразена на синоќешниот состанок, во Брисел денеска попладне ќе биде одржан вонреден состанок на Европската унија, на кој ќе присуствуваат шефовите на држави и на влади на сите 28 членки.

Кризата е продлабочена откако грчките гласачи минатата недела на референдум одбија да го прифатат планот за штедење што им го наметнаа доверителите како услов за нова програма за финансиска помош од Европската централна банка и од Меѓународниот монетарен фонд.

Од исходот од денешниот состанок ќе зависи дали Грција ќе биде отсечена од ЕЦБ или ќе ѝ биде овозможено, со остри мерки на штедење, да остане во еврозоната.