Свет Балкан Нов круг разговори меѓу Македонија и Грција за мерките за градење доверба

Нов круг разговори меѓу Македонија и Грција за мерките за градење доверба

Во Атина се одржа нов круг преговори меѓу македонската и грчката страна за имплементирање на мерките за градење доверба.

Како што информираат од грчкото министерство за надворешни работи, минатиот петок во Атина околу мерките разговарале политичкиот директор на министерството, амбасадорот Петрос Мавроидис, и неговата македонска колешка, амбасадорката Елена Кузмановска.

Од македонското МНР, со соопштение ја потврдија средбата и додаваат дека двете страни, исто така, постигнале договор за одржување на првите политички консултации меѓу министерствата за надворешни работи.

Се разговарало за билатералниот дијалог поврзан со европските прашања, политичките консултации меѓу двете министерства, соработката во рамки на Инструментот за техничка поддршка и за размена на информации на Европската комисија (TAIEX). Двајцата амбасадори разговарале и за практично имплементирање на мерките, како академската соработка меѓу двете држави, подобрата поврзаност, соработката меѓу граничните служби, миграциското прашање, како и подобрата соработка во справување со корупцијата и со организираниот криминал.

На средбата било договорено следниот круг преговори за спроведувањето на мерките да се случи во Скопје при крајот на годината, а во Скопје ќе се одржи и првиот круг политички консултации меѓу министерствата.