Дописници Нов хотел ќе се изгради на местото на ресторанот „Парк“ во Охрид

Нов хотел ќе се изгради на местото на ресторанот „Парк“ во Охрид

Фото: Бојан Блажевски

На просторот од 4.525 метри квадратни на ресторанот „Парк“ во Охрид, градежната фирма „Ремис“ како инвеститор, ќе гради нов хотел. Издадено е одобрение за градба за хотелски комплекс, приземје, три ката и поткровје во јуни 2018 година, при што се запазени сите тогашни важечки законски процедури и постапки. Одобрението е правосилно и согласно тоа одобрение, таму може да се гради, потврди денеска градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.

„Бидејќи Планот за управување е донесен во февруари 2020 година и не може да постапуваме на правосилни одобренија кои што се издадени согласно позитивните тогашни законски прописи“, истaкна градоначалникот на Охрид, кој додава дека е немоќен да стопира правосилно одобрение за градба издадено пред три години.

Георгиески тврди дека оддалеченоста на планираниот објект е 50 метри од езерскиот брег, додека сегашните објекти се на 20 односно 40 метри од самиот брег.

Пред само неколку дена, граѓанската иницијатива Охрид СОС реагираше дека на ова место ќе се урива постоечкиот специфичен објект што е дело на реномиранот охридски архитект Павел Балабанов, кој за него го доби специјалното признание на Биеналето на македонската архитектура во 1989 година.

Меѓу другото, Георгиевски истакна дека Општина Охрид продолжува да постапува согласно препораките на УНЕСКО, а во тек е и тендерска постапка за избор на фирма која ќе работи на отстранување на дивоградбите на охридското крајбрежје. Исто така, поднесени се кривични пријави за узурпација на државно земјиште. Станува збор за правни и физички лица кои вршеле дејност преку користење на плажите на крајбрежјето, при што се стекнале со износ по основ на закуп, кој до денеска не го подмириле.