Македонија Нов апарат за магнетна резонанца во болницата „Св. Еразмо“

Нов апарат за магнетна резонанца во болницата „Св. Еразмо“

Набавени се и повеќе апарати во вредност од 150.000 евра - апарат за артроскопија, ЕЕГ-ЕМГ апарат, ЕХО апарат стационарен и мобилен, пациент монитори, како и апарати за физикална терапија, изјави министерот Демири

Фото: Министерство за здравство

Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, доби нов апарат за магнетна резонанца вреден 1,2 милиони евра, а е набавен со поддршка од Европската Унија, изјави денеска министерот за здравство Илир Демири. Тој заедно со заменик-министерката, Маја Манолева, беа во посета на болницата.

„Преку ИПА проектот набавени се и повеќе апарати во вредност од 150.000 евра и тоа: апарат за артроскопија, ЕЕГ-ЕМГ апарат, ЕХО апарат стационарен и мобилен, пациент монитори, како и апарати за физикална терапија. Покрај вложувањето во нова опрема, се вложува и во зајакнување на кадарот. Во изминатите неколку години се вработени вкупно 73 лица“, рече Демири.

Манолева, пак, истакна дека е реконструиран базенот за физикална терапија, а тоа чинело 125.000 евра. Освен тоа бил доопремен и со хидрауличен лифт, кади за физикална терапија и апарат за крио терапија, во вредност од околу 40.000 евра.

„Проектите се реализирани со поддршка од Центарот за Југозападен плански регион, Швајцарската Амбасада и Министерството за локална самоуправа. Во „Св. Еразмо“ има девет доктори кои се на специјализација. Во болницата се реализираат над 1.600 хируршки интервенции и над 65.000 амбулантски прегледи на годишно ниво“, рече Манолева.