Македонија Нормализиран авиосообраќајот помеѓу Скопје и Истанбул

Нормализиран авиосообраќајот помеѓу Скопје и Истанбул

Летовите на авиокомпнаијата „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул кон Скопје и обратно, денеска се реализираат според нормалниот распоред за летање, откако вчера беа откажани поради обидот за државен удар во Турција.

Според веб-страницата на аеродромот „Александар Велики“, од аеродромот „Ататурк“ во Истанбул утрово на скопскиот аеродром во редовното време, 8.30 часот, слетал авионот ТК 1003, а во 9.48 од Скопје кон Истанбул полетал и авионот ТК 1004.

Авиосообраќајот кон Анталија, кој ни вчера не беше во прекин, се одвиваше и во текот на ноќта, кога се реализирани два чартер-лета кон Анталија и уште два до Скопје.

Портпаролот на „Туркиш ерлајнс“ изјави дека летовите повторно се извршуваат во согласност со редовниот распоред во третиот по големина аеродром во Европа, иако може да се очекуваат одредени доцнења.