Технологија Наука Нобелова награда за физика за истражувањата на неутриното

Нобелова награда за физика за истражувањата на неутриното

Нобеловата награда за физика во 2015 година им е доделена на Такаки Каџита од Јапонија и на Артур Б. Мекдоналд од Канада за нивниот придонес во експериментите што покажале дека честичката неутрино има маса и може да осцилира, соопшти Шведската кралска академија на науките.

„Оваа метаморфоза бара неутрините да имаат маса. Ова откритие го промени сфаќањето за внатрешното функционирање на материите и може де биде клучно за нашето сфаќање за вселената“, се наведува во објаснувањето на одлуката.
Каџита го презентираше откритието дека неутрините од атмосферата го менуваат идентитетот на пат до детекторот во Јапонија.

Мекдоналд со својата истражувачка група во Канада покажа дека неутрините од Сонцето не исчезнуваат на пат кон Земјата, туку на нашата планета стигнуваат со променет идентитет.

Академијата наведува дека со овој експеримент е решена повеќедецениската загатка во врска со неутрините, бидејќи научниците не мислеле дека можат да утврдат зошто на Земјата ѝ недостигаат две третини од неутрините што доаѓаат од Сонцето.

Двајцата добитници ќе го поделат паричниот дел од наградата од 960.000 долари.