Дигитални права Ниту една жена не смее да биде мета на родово базиран говор...

Ниту една жена не смее да биде мета на родово базиран говор на омраза

Изминатиов период министерката за одбрана Славјанка Петровска е жртва на говор на омраза на социјалните мрежи. Може да се прочитаат бројни сексистички коментари, како и критика за нејзиниот физички изглед, но и коментари полни со родови предрасуди и стереотипи. Тоа беше причина денеска масовно да се споделува објава на социјалните мрежи во знак на поддршка на Петровска и воедно против родово базираниот говор на омраза, под хаштагот #СоНеаСме.

„Застануваме солидарно зад Славјанка Петровска, зашто ниедна жена не треба да биде мета на родово базиран говор на омраза. Изминатиов период повторно гледаме што сѐ ѝ се случува на една жена која има јавна професија и професионално си ја извршува работата. Сè додека јавноста ги гледа жените единствено низ сексистичка призма, ниту ќе видиме повеќе жени на одлучувачки позиции, ниту ќе се искорени објективизацијата на жените во сите полиња на нејзиното постоење“, стои во објавата.

Заедно со овој текст, објавени се и принтскринови од коментари на корисници на Фејсбук кои се објавени со име и презиме, а кои пишувале погрдни коментари за Петровска.